(+389) 3134-534

Бул.Крсте Мисирков 28, Скопје bul. Krste Misirkov 28, Skopje

септември 19, 2018

Новости

Денеска за Метаболизам.мк на тема Тикови кај децата пишува Д-р. Биљана Маричиќ Јакимовска (дипломиран психолог- Завод за ментално здравје за деца и младинци при ЈЗУ Здравствен Дом Скопје)

Секој родител кој го набљудува своето дете и го следи низ сите фази на растење лесно ќе успее да препознае кога детето се обидува да биде во центарот на вниманието, па намерно прави гримаси, од оние моменти кога своите движења не може да ги контролира. Тиковите не смеете да ги игнорирате и покрај тоа што често поминуваат спонтано и без ваше активно учество. Важно е да ги следите за да не се повторуваат и јавуваат во различни форми. Како да ги препознаете? Тиковите се брзи, неволеви и ненадејни движења на група мускули или на делови од телото кои се јавуваат во неправилни интервали. Се јавуваат при сочувана совест, во будна состојба, а во сон се губат. Овој вид неволеви движења може да ги зафатат сите делови на телото, но најчести се тикови на лицето (очни капаци, усни, нос, јазик), вртење на главата на страна, подигање на рамената, поткашлување и сл. Една од карактеристиките на тикот е дека може со тек на време да се премести од еден дел на тело на друг, може да го смени интензитетот, да исчезнува и повторно да се јавува.

Зачестеност и предизвикувачки фактори

Тикот е почест кај момчињата отколку кај девојчињата. Најчесто се јавува во периодот помеѓу 6 и 10 години, а многу ретко пред 4тата година. Она што може да ги збуни родителите е што тиковите често се предизвикани од некоја случка или појава. На пример – трепкањето со очи често се јавува по прележан коњуктивитис, кога детето трепка поради воспаление, тикот со поткашлување може да се јави после операција на третиот крајник итн. Во овие случаи активноста која детето ја изведувало волево и имала одбрамбен карактер, започнува да се врши ненадејно и без контрола и волја на детето. Но, во пракса често родителот дава информации – дека ништо не се случило, и тогаш патот е обратен. На пример – родителот прво бара помош од очен лекар за детето кое трепка со очите, и откако лекарот ќе констатира дека се’ е во ред, дури потоа бара помош од психолог.

Исто така, чести се изјавите на родителите дека тикот се јавува и интезивира кога детето е цел ден пред ТВ или компјутер.

Етиологија на тиковите

Тикот се јавува како резултат на многу фактори и објаснет е преку многу теории, но она што е важно е фактот дека зголемената емоционална напнатост го разградува волевото движење, па тоа реградира на пониските нивоа на својата организираност, се’ до автоматизираните моторни активности. Детето има потреба тикот да го повторува – со тоа се ослободува од напнатост, а секое спречување ја зголемува истата. Тикот само привремено може волево да се контролира, но повторно се интезивира во состојба на стрес, карање, напнатост или опоменување.

                                                                                                                                          Д-р Билјана Маричиќ Јакимовска

Семејството и атмосферата во која растат децата со тик

Често пати потеклото на тиковите се доведува во врска со семејните односи. Родителите на децата со тик се вредни и исполнителни личности кои поставуваат големи барања пред децата во секој поглед. Како родители многу даваат за децата, но и многу бараат, презаштитуваат, но и отфрлаат, така да детето е постојано несигурно, напнато, односно растргнато меѓу љубовта и отфрлањето, меѓу пофалбите и стравот од казна. Тиковите се проследени и со чуство на вина. Чуството на вина и страв кај детето со тик се, пред се’, последица на ставовите на родителите и на другите кои се во контакт со детето, а кои му наметнуваат мисла дека со волја може да го победи тикот. Го опоменуваат, караат, некогаш и казнуваат детето, со што уште повеќе ја потенцираат несигурноста и напнатоста.Сето ова го нагласува тикот што понатаму ја зголемува емоционалната напнатост.

Психолошки профил на дете со тик

Детето може од многу причини да биде извадено од рамнотежа, а дијапазонот на стресни ситуации кои може да предизвикаат тик е многу голем – на пример нов член во семејството, ривалитет со братчето или другарчето, чувство дека родителите не му посветуваат доволно внимание, страв од поаѓање на училиште, школски неуспех или неуспех во спортот, губење на блиска личност итн.

Емоционалниот живот кај овие деца си носи свои особености – присутна е зголемена анксиозност, несигурност, страв од неуспех, срамежливост. Тоа се деца кои, од една страна во се’ сакаат да им угодат на своите родители, амбициозни се, педантни, често инхибирани, под кои инхибиции се крие страв од неуспех, а од друга страна сакаат да го казнат родителот кој е ригорозен, инсистира да биде по негово и кој го спречува слободното изразување на чуствата кај детето. Како и да е, нетрпеливоста кај родителот и наставникот, карањето и постојаното опоменување за тикот, имаат блокирачко дејство кај овие деца, со што се потенцира општиот страв кај нив, особено страв од неуспех и преставува значаен фактор за интезивирање на тикот.

Како да се помогне

Психотерапевтски се работи со детето да најде нов начин на изразување на своите чуства и конфликти кои се наоѓаат во основа на симптомот. Тикот се лечи успешно исклучиво тимски, а тоа значи вклучување на доктор, психолошки третман, дефектолошки третман, советување на родителите, а ако има потреба и контакт со училиштето.

Како да му помогне родителот

Пред се да се сведе на минимум интервенцијата од возрасните. Преголемата поддршка раѓа претерана зависност од другите и страв од превземање одговорност и за оние активности кои се во границите на детските способности, а пак недоволната поддршка го доведува детето во ситуација да се бори со проблеми кои ги надминуваат неговите способности. Одредете ги и прифатете ги реалните можности на детето. Помогнете му да ја развие својата самодоверба и да стекне позитивна слика за себе.

Децата имаат потреба од љубов , прифаќање и сигурност. Прифаќањето од другите е силно поврзано со чуство на сигурност и на самопочитување. Детето треба да знае дека вие верувате во неговите способности и можности. Помогнете му да ја развие својата самодоверба многу едноставно – прифатете го вашето дете, прифатете ги реалните можности на вашето дете. Научете го да ги користи своите сили и да ги надополни слабостите.

Автор на текстот: Биљана Маричиќ Јакимовска    (дипломиран психолог- Завод за ментално здравје за деца и младинци при ЈЗУ Здравствен Дом Скопје)