(+389) 3134-534

Бул.Крсте Мисирков 28, Скопје bul. Krste Misirkov 28, Skopje

јануари 14, 2020

Совети

ДЕТЕТО И ЕМОЦИОНАЛНАТА ПИСМЕНОСТ – Катерина Галеска спец. психолог

„Мрзливо дете“, „непослушно дете“, „лошо дете“, „немирно дете“, „тромаво дете“, „невоспитано дете“, „заборавно дете“, „плачливко/а“, „ кукавица“, „безобразник/чка“, „нервозно дете“. Постојано се жали на главоболка, болки во стомакот, забошотува, се закача, децата го одбегнуваат. Тоа се секојдневни поплаки на родителите, па дури и на наставниците.

Етикети, етикети, критики. Зад овие епитети се кријат „забранети“ чувства; на пример, страв и тага кај момчињата, а кај девојчињата лутината. Тоа е родителски став за да се стане „јака личност“. До што доведуваат овие епитети? Кои се последиците од тоа?

Тие го прават детето несигурно, несреќно, осамено, повлечено или агресивно. Го намалуваат неговото самопочитување и создаваат кај него лоша слика за себеси. Потиснувањето на забранетите емоции е маѓепсан круг – кога ќе се случи „експлозија“ на емоциите, циклусот на супресија односно потиснување на чувствата се повторува сè до следниот афективен излив. На овој начин во текот на животот се акумулираат емоционални повреди и кога доволно ќе се насоберат го оправдуваат изразувањето на потиснатите емоции на неконтролиран и деструктивен начин.

Поради тоа во главата на децата се вртат многу прашања: „Дали некој се запрашал зошто сум такво?“; „Зошто сум осамено, повлечено, несфатено?“; „Зошто другарчињата не сакаат да си играат со мене?“; „Дали можете да почувствувате како се чувствувам јас?“; „Дали нешто не е во ред со мене или со мојата околина?“; „Јас вас не ве разбирам доволно, а вие мене?“; „Дали би можеле да ми помогнете?“.

Дали има решение?

Да. Уште од најмала возраст децата треба да се учат на емоционална писменост. Емоционалната интелигенција е способност за емпатија, чувство за себе, другите и околината. Таа е способност да се „читаат“ своите и туѓите емоционални состојби и со зборови да се опишат чувствата. Оваа способност не е иста кај секого. На пример, кај малите деца кои не располагаат со доволен фонд на зборови, нивното незадоволство, љубомора и други чувства ги искажуваат преку нивното поведение. Па, како растат, така им се зголемува вокабуларот и ќе можат да си ги опишат своите доживувања и чувства.

За да можат децата да се описменат емоционално, пред сè потребно е родителите да бидат емоционално писмени. Иако секој човек доживува емоции, луѓето се разликуваат според тоа колку се во состојба да ги препознаат и да ги поврзат со одредени случувања или со мисловниот тек. На еден крај од спектарот се оние кои не се во состојба со зборови да опишат што чувствуваат, а на другиот се оние кои многу добро ги препознаваат како своите така и туѓите чувства, дури и тогаш кога се само дискретно изразени. Во однос на тоа како и колку некој ги „чита“ своите и туѓите емоционални состојби можеме да зборуваме за емоционална писменост и неписменост.

Емоционално неписмени се оние кои не се во состојба ниту да ги доживеат диференцирани чувства ниту да ги именуваат. Најтешкиот облик на емоционална неписменост е кај оние луѓе кои емоциите ги доживуваат како телесни сензации во различни делови на телото, но, не ги препознаваат како емоции. Тие некогаш не се сигурни дали тоа што го чувствуваат во телото е почетен знак за некоја органска болест или пак е само реакција на некоја животна ситуација. Поради тоа се склони тие сензации да ги толкуваат како почетни знаци на болест што ги насочува да се занимаваат со телото, а не со ситуацијата која всушност ги предизвикала. Истото се случува кога се во прашање и нивните деца. Се појавуваат силни дифузни емоционални состојби кои ги доживуваат во целото тело, а кои ги опишуваат како силна непријатност или пријатност. Ваквите недоволно дефинирани емоции силно го активираат целото тело, така што постои склоност на ваквите личности кон психосоматски болести.

Кога некој е способен да го именува чувството кое го доживува така што на пример, ќе каже „јас сум лут“ или „јас се исплашив“, тогаш покажува почетна емоционална писменост. Кога детето ќе  располага со поголем фонд на зборови за чувства тоа повеќе ќе ги разликува поединечни чувства како поими и е во состојба поточно да ги препознае и да опише што чувствува. Од таа причина важно е родителите на децата да им ги именуваат емоционалните состојби кои тие ги доживуваат така што им зборуваат: „ти сега си лут“; „ти сега си исплашен“ итн. Врз основа на тоа, тие ќе бидат способни подоцна со зборови да го опишуваат тоа што го чувствуваат.

Следен степен на емоционална писменост е кога детето е способно својата емоционална состојба да ја поврзе со одреден настан или мисловен тек. Тогаш тоа е способно да размислува за ситуацијата така што ја преиспитува било самата ситуација било својата емоционална реакција.


Кога детето ќе биде во состојба да ги разбере сопствените чувства и да ги поврзе со животните ситуации или со мисловните текови, тоа станува способно да претпостави како другите се чувствуваат во слични ситуации. Така настанува способноста за емпатија – соживување во емоционалните реакции на другите луѓе.