Допирот е прво од петте сетила кое започнува да се развива уште додека е бебето во утробата на мајката. Тој функционира на начин што надворешните информаци се примаат преку рецепторите (примачите) во кожата и се пренесуваат до мозокот, каде постои центар во кој тие се препознаваат како сензации кои се пријатни, меки, мазни, рапави итн. или непријатни,болни. Ова сетило не се однесува само на моменталното искуство кое бебето го стекнува при допирање на предметите, туку има и подолгорочни ефекти врз развојот. Имено, допирот како колектор на надворешни информации, учествува во процесот на учење на бебето од најрана возраст. Искуствата, сензациите добиени преку ова сетило влијаат врз физичкиот, когнитивниот, говорниот и социо-емоционалниот развој, поради што на бебето треба да му обезбедиме мноштво од внимателно избрани предмети и материјали за допирање. Се смета дека бебињата кои биле во доволна мера гушкани во првите 6 месеци, побрзо ги достигнуваат развојните скалила, постигнуваат подобар успех во училиште и се помалку склони кон агресивно и неадекватно однесување, за разлика од бебињата кои имале оскудно количество на гушкање и позитивен допир од страна на родителите или згрижувачите.
Во првиот месец по раѓањето, дланките на бебето му се стиснати и тоа рефлексно задржува, без свесност за карактеристиките на тоа што му е во рака. Затоа првите тактилни сензации треба да ги добие преку целото тело, додека го држиме, додека го капеме, преку лесните масажи, галењето, како и со правилен избор на меки, памучни алишта и ќебенца со кои го покриваме. Друг извор на сензации е устата, во процесот на доење или хранењето со шишенце.
Околу вториот месец дланките почнуваат спонтано полека да се отвараат и време е да се воведат првите тропалки. Тие се меки, направени од материјал, со јаки бои, може но и не мора да испуштаат звук. Дури не мора ни да се купуваат скапи тропалки, туку доволно е неговите чорапчиња да се свиткаат во топка и да му се стават во рака да ги задржи.
Кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот месец, бебето ги носи рачињата пред очи, си ги загледува. Ставете му во рака мека тропалка која испушта звук, а тоа ќе му биде стимулација да ја тресе тропалката или да ја допре со другата рака. Почнува да посега во ниво на градите, па затоа ставајте му разни, меки, безбедни играчки и предмети (мали перничиња, мека топка, плишан медо….) за да ги допира со двете раце.
Во петиот месец почнува малку повешто да ги држи тропалките и посигурно да манипулира со нив. Подавајте му ги од малку подалеку, за да ја стимулирате координацијата на движењата.
Во натамошните месеци од првата година бебето учи да седне, да се исправи и да почне да чекори. Користете го допирот како стимулација да ги запознае предметите од околината (безбедни за него) како и да ги усвои овие постурални положби.
Исто така се усовршува и начинот на кој бебето ги дофаќа и држи предметите, односно фините моторни вештини. Тоа почнува да воочува и да опипува поситни детаљи и помали предмети, да ги вади од кутија, да ги фрла, гребе, опипува….сите тие се начини на кои тоа ги испитува, затоа изборот на предмети кои му се нудат треба внимателно да биде направен, заради негова безбедност.
Во врска со видот на материјалите , функцијата која ја имаат предметите кои се нудат, како и ефектите кои ги имаат врз развојот на тактилитетот, треба да се знае дека: