(+389) 3134-534

Бул.Крсте Мисирков 28, Скопје bul. Krste Misirkov 28, Skopje

ноември 11, 2019

Новости

МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ИСТОРИСКИ ДОГОВОР ЗА РЕКОРДНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ И СОРАБОТНИЦИ

„Постигнавме историски договор за досега рекордно зголемување на платите на здравствените работници и соработници, почнувајќи од февруари 2020 год. Платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, а на медицинските сестри за 10%. Кумулативно заедно со сите други зголемувања од 2018-та наваму, основната плата на лекарот специјалист ја зголемивме за 40%, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23%“, изјави министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче по средбата со претседателите на гранковите синдикати, Љубиша Каранфиловски и на синдикатот на Клиничкиот Центар Горан Беговиќ.

Филипче изрази благодарност до синдикатите за нивната контруктивност, но и до лекарите специјалисти, членови на синдикатот, меѓутоа и во сите јавни здравствени установи, коишто се согласија да се намали процентот на нивното зголемување за да се зголеми процентот на зголемување на платите на медицинските сестри.

„Според договореното платата на лекар специјалист наставник или обичен специјалист, во Клиничкиот Центар на Хируршките Клиники и на Интерните Клиники, ќе достигне, но на некои и ќе надмине 100.000 денари. Просекот на платата на лекар специјалист во општите болници ќе биде некаде помеѓу 85 и 88.000 денари, заедно со дежурствата и согласно бројот на дежурствата, може многу лесно да достигне и до 100.000 денари. Дозволете да кажам и дека нема да ги оставиме ниту заборавиме сите тие кои до сега не добија зголемување. Тука мислам на болничко-техничкиот персонал којшто, исто така е во тимот, администрацијата која работи во здравството ќе биде предмет на дискусија, во текот на следната година. Остануваме доследни на сите наши ветувања, веруваме дека со оваа мерка го враќаме достоинството на здравствените работници. Ќе продолжиме и понатаму да работиме, не само во однос на зголемувањето на платите, туку и подобрување на условите во коишто работи здравствениот персонал, затоа што само задоволни од системот и добро стимулирани финансиски здравствени работници, значи задоволни и добро третирани пациенти“, додаде Филипче по средбата.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски потсети дека ова е четврто покачување на платите изминатиов период, имајќи предвид дека веќе беа зголемени и додатоците за дежурство и за ноќен труд.

Горан Беговиќ, претседателот на Синдикатот на Клинички центар искажа благодарност, и нагласи дека продолжува заедничката соработка со Министерството за здравство за вреднување на трудот на здравствените работници.

Во текот на следната година ќе бидат разгледани можностите за покачување на платите и на помошниот технички персонал и администрацијата во јавноздравствениот сектор.